Откако Панатинаикос вечерва по 11. пат во низа загуби од Олимпијакос во Евролигата, со 80-86, вниманието на јавноста го привлече бурната реакција на првиот човек на „детелинките“.
Претседателот на клубот Димитрис Јанакопулос не го криеше своето незадоволство од арбитражата во дербито. Според информациите од Грција, тој смета дека судењето имало клучно влијание врз исходот на натпреварот во Пиреја.
Поради ова, тој го прогласи за виновен претседателот на Евролигата, легендарниот српски кошаркар Дејан Бодирога. За време на натпреварот, Јанакопулос наводно побарал од стадионот ОАКА да се отстрани шампионскиот банер со Бодирога, кој двапати ја освои европската титула со Панатинаикос. Процесот на тргање на банерот, Јанакопулос го објави на социјалните мрежи иако таму не се гледа до крај дали е завршена работата.
По натпреварот, контроверзниот сопственик на атинскиот клуб се огласи и на социјалните мрежи. Тој објави кратка порака до Бодирога на Инстаграм – на српски:
„Срам да ти е!“



