По паузата поради репрезентативните настапи, викендов продолжува Суперлигата, со своето 17. коло во кое има едно мега-дерби.
Вечервва од 19 часот во „Јане Сандански“ се среќаваат МЗТ Скопје и Пелистер, екипи кои претходните години неколку пати играат меѓу себе во финалните дуели од првенството, Купот и Суперкупот. Мечот, покрај тоа што е дерби на ова коло, ќе има и поинаков карактер бидејќи шампионот со него официјално го почнува одбележувањето на својата 60-годишнина, односно роденденот кој е на 9 март.
Вечерва, по натпреварот, ќе има роденденски коктел во хотелот „Русија“, а за дуелот со Пелистер, клубот ги покани сите свои поранешни кошаркари кои треба со своето присуство да го збогатат големото дерби и да ја потсетат армијата навивачи на сите убави моменти поминати во „Јане Сандански“. Освен тоа, со дуелот со Пелистер почнува пеколната недела за МЗТ Скопје кого во вторник го очекува одлучувачки дуел против Широки во АБА 2 лигата и веднаш потоа пресметка со лидерот на табелата ТФТ.
Пелистер одлично ја почна новата година, има серија од пет победи, исто како и МЗТ и ТФТ, но киксираше во Купот каде не ја мина првата пречка. Освен тоа, сезонава нема победа во дерби дуелите со ривалите за титулата и покрај тоа што со нив играше на домашен терен во првата полуетапа. Денешниот дуел е добра можност да потврди дека е сериозен кандидат за трофејот.
Од останатите натпревари, денеска се очекува интересно да биде во Чаир каде истоимениот тим го пречекува Работнички во директен дуел за опстанок, како и во Маџари каде Феникс се среќава со Тиквеш.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
ДЕНЕСКА
14:00 Ангели – ТФТ
19:00 Феникс – Тиквеш
19:00 МЗТ Скопје – Пелистер
20:30 Чаир – Работнички
УТРЕ
18:00 Маџари – Кожув
18:00 МКК Куманово – Гостивар


