Во присуство на голем број клупски легенди и убава атмосфера, МЗТ Скопје оствари исклучително важна победа во првенството откако во „Јане Сандански“ го совлада Пелистер со 87-73.
На тој начин го одбележа и својот 60-годишен јубилеј, а во исто време ја продолжи потерата по лидерот ТФТ со кого се среќава во следното коло од Суперлигата. Пелистер одлично се бореше во воведните три четвртини, но потклекна во последната и на крајот доживеа преубедлив пораз во однос на она што се случуваше на теренот.
По израмнетата првата четвртина, првиот удар го зададе МЗТ Скопје кој кон средината на вториот период поведе со 29-21. Пелистер, сепак, до полувремето намали на само еден разлика (41-42), а третата четвртина ја почна со серија од 10-2, благодарение на која поведе со 51-44. Но, место да го докусира десеткуваниот противник, битолскиот тим тука застана.
МЗТ одговори со 12-2 за ново преземање на водството, по 30 минути игра водеше со 63-60, а во последниот квартал ја доврши започнатата работа. На шест минути пред крајот првпат имаше двоцифрена предност 75-65), нешто подоцна и 79-67, а точка стави Мекејден со тројка на 89 секунди пред крајот кога го однесе МЗТ на недостижни 84-69.
Токму Мекејден беше најефикасен кај МЗТ Скопје со 23 поени, плус девет скока и шест асистенции, Смит додаде 16 поени, а Гил 15. Вилсон со 17 поени и седум скока го предводеше Пелистер кој го доживеа првиот пораз во 2026 година, кога станува збор за Суперлигата.


