Екипата на Тиквеш оствари исклучително важна победа откако вечерва славеше на гостувањето кај Феникс со 87-76.
Тоа беше директен дуел за опстанок во лигата, а кавадарчани со ова значително си ги зголемија шансите да останат во елитата и идната сезона, особено поради тоа што во следното коло го пречекуваат последнопласираниот во лигата Ангели. Феникс, од друга страна, влезе во голема криза и вечерва го доживеа третиот пораз во низа и четврти во последните пет кола.
Клучна за победата на Тиквеш на вечерашниот меч беше третата четвртина која гостите ја добија со 27-10. Како резултат на тоа, на влезот на последниот период, поранешниот шампион ја достигна највисоката предност на натпреварот (63-43). Феникс се обиде да го врати ударот, во финалните десет минути се доближи на само осум разлика, но немаше сили за целосен пресврт.
Двајца кошаркари имаат најголема заслуга за победата на Тиквеш на овој меч: Глигоријевиќ кој постигна 22 поена и 17 скока за индекс 33 и Парсонс со 19 поени и 13 скока за индекс 36. Интерсно е тоа што кавадарчани дојдоа до победата со само три тројки од 26 шута. Рахама со 18 поени го предводеше тимот на Феникс.


