Иако водеше во најголемиот дел од натпреварот, Работнички голтна уште една горка пилула и падна на деветтото место на табелата во Суперлигата.
Некогашниот гигант, сега на најниски гранки во историјата, загуби на гостувањето кај Чаир со 73-75 и покрај тоа што на средина од последната четвртина ја имаше највисоката предност, од осум разлика (67-59). Тука гостите застанаа, а Чаир со серија од 16-6 го заврши натпреварот за нова победа која го носи далеку од зоната за испаѓање.
Интересно е тоа што иако има четворица странци, пресвртот на Чаир му го донесоа домашните кошаркари. Од вкупно 16 поени во финалните пет минути, дури 11 постигнаа Реџа и Тачи, а останатите пет беа дело на Билингсли. Тачи во клучните моменти имаше симултанка, постигна седум поени по ред и негова е заслугата што Чаир од 67-71, отиде на 74-71.
Криснан беше најефикасен кај чаирчани со 17 поени, додека Тачи заврши со 16 поени, девет асистенции и пет скока. Капитенот Ефремовски повторно го водеше својот тим, постигна 22 поена и девет скока, Рикиќ му помагаше со 14 поени и 21 скок, но ни тоа не беше доволно за победа на Работнички. За тимот од Градски парк ова беше седми пораз во последните осум кола и нема друг избор освен во следниот меч да го победи Маџари.


