Она што навивачите го чекаа повеќе од половина деценија, конечно е на пат да се оствари – Работнички утре официјално се враќа во својот дом во Градски парк.
Реновинраниот објект во срцето на Скопје пред две недели официјално беше пуштен во употреба, утре од 19 часот, таму Работнички ќе го пречека Маџари, во 18. коло од кошаркарската Суперлига. Во меѓувреме во Градски парк се одигра еден официјален натпревар, македонската репрзентација беше домаќин на Луксембург, а до крајот на сезоната, 15-кратниот шампион ќе ги чека своит ривали.
Враќањето во Градски доаѓа во исклучително важен момент за Работнички имајќи предвид дека тимот води жестока битка за опстанок во Суперлигата. Поради тоа, најавено е дека кошаркарите ќе ја имаат поддршката и од Сити Парк Бојс кои повторно ќе бидат на своето старо место, на „терасата“, на трибината под главниот семафор каде поминаа децении заедно со својот миленик.
Работнички не играше во Градски парк од крајот на 2020 година кога салата беше затворена за натпревари во елитната конкуренција поради несоодветни услови за игра. Пред околу година и пол почна нејзиното реновирање при што капацитетот беше значително намален, на околу 900 места, но со оглед на актуелниот интерес, тоа ќе биде апсолутно доволно во следниот период.


