По пауза од неколку години, во спортскиот комплекс НБ Ноел во Негорски Бањи повторно ќе се игра суперлигашка кошарка и тоа од највисоко ниво.
Сосема неочекувано, ТФТ одлучи таму да го пречека МЗТ Скопје во дербито на сезоната, односно во дуелот кој директно одлучува за првото место на крајот од основниот дел од првенството. Со оглед на згуснатиот распоред и фактот што во Скопје во тек е концертната сезона, салите во главниот град се зафатени, па раководството на клубот од Тафталиџе одлучи да излезе од него.
Натпреварот за првото место е закажан за 13 март од 18 часот. Ова значи дека МЗТ Скопје го очекува уште едно патување откако ќе се врати од Широки, а за ТФТ ќе биде генерална проба за четвртфиналето од плејофот во АБА 2 лигата каде вечерва ќе го дознае својот противник.
Вечерва ќе се знае и дали МЗТ Скопје ќе обезбеди место во разигрувањето за титулата во регионалното натпреварување бидејќи му гостува на Широки во мечот кој директно одлучува за тоа.


