Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје со пораз ја заврши сезоната во АБА 2 лигата откако вечерва загуби на гостувањето кај Широки со 109-111. по две продолженија.
На на нашиот тим му беше потребна победа од 15 разлика, пред крајот на основниот дел водеше со четири, но сепак не успеа да го оствари она по што заминаа во БиХ. И тоа што избори продолжение беше подвиг бидејќи во најголемиот дел од мечот, босанскиот претставник беше во предност, на периоди и со +17.
Многумина помислија дека се е готово по втората четвртина која Широки ја доби со 31-16, но МЗТ Скопје се разбуди во последниот период и донесе драма. Го отвори со 10-2, а по константниот притисок и серијата од 10-0, отиде на +4 (90-86). Широки не дозволи пораз и покрај тоа што му одговараше и минимално да загуби затоа што имаше најдобра кош-разлика од конкурентите, па финишот беше и малку комичен.
Домаќините не дозволија пораз, Магдевски имаше тројка за победа при резултат 92-92, но одлучи да не шутира и да му овозможи на својот тим во дополнителни пет минути да се бори за потребната победа. Широки повторно беше блиску до триумв, поведе со седум разлика за Мек Смит со две тројки да ја врати неизвесноста и да донесе уште едно продолжение. И во него доминираше домашниот, поведе со 109-104 и повторно МЗТ израмни. Кошот за победа го постигна поранешниот играч на Работнички, Дмитрик Трајс, МЗТ имаше напад за ново продолжение, но не успеа да го искористи.
Илајџа Мекејден беше најефикасен во редовите на македонскиот тим со 30 поени, Смит додаде 25, а Танасковиќ оствари дабл дабл со 14 поени и 12 скока. На спротивната страна убедливо најдобар беше Трајс кој постигна 33 поени, плус осум скока и шест асистенции.


