Женската сениорска репрезентација на Македонија денеска ги продолжува своите настапи во квалификациите за Европското првенство.
Од 18:30 часот, нашите дами ѝ гостуваат на Данска во четвртото коло од циклусот. Токму против Данска, македонската репрезентација ја оствари единствената победа досега, но во сосема други услови. Прво, тој меч, се играше во Скопје, а второ, тогаш нашиот национален тим беше во сосема поинаков состав, со неколку искусни кошаркарки кои сега не се на располагање на селекторот Александар Ашаданов.
Пред се, во комбинација не е една од најдобрите кошаркарки во историјата на македонската репрезентација Анџелика Митрашиновиќ која зимава одлучи не само да го напушти националниот тим, туку и да стави крај на својата професионална кариера. Покрај неа, вечерва ќе ја нема ни Ивана Кметовска, исто така исклучително важна во составот на Ашаданов, како и помладата, но подеднакво значајна Матеа Николиќ. На нивно место во репрезентацијата се инволвирани неколку тинејџерки пред кои е светла иднина, но смената на генерации ѝ дава фаворитска улога на Данска.
„Ни следува тежок натпревар на гостински терен со Данска, Ние овојпат одиме со доста подмладена екипа. Како што сите знаете, нашиот капитен Анџелика Митрашиновиќ, која ја имаше главната улога во репрезентацијата, се пензионираше, но секако ние сме мотивирани, со и голема борба, да пробаме да ја добиеме репрезентацијата на Данска, која веќе еднаш ја победивме кај нас на домашен терен. Зошто да не биде така и со вака подмладен состав. Сепак се работи за нашата земја, играме за неа, треба да дадеме се од себе“, рече Илина Селцова која се очекува да преземе голем дел од одговорноста вечерва.
Во пресрет на четвртото коло, Македонија се наоѓа на третото место на табелата во групата, со биланс од една победа и два пораза.


