Работнички ја прекина серијата пораз откако вечерва го совлада Маџри со 97-74 во својот прв натпревар во Градски парк по пауза од повеќе од пет години.
Атмосферата во реновираниот објект беше фантастична, околу 600 гледачи го проследија натпреварот, Сити Парк Бојс повторно беа на својата „тераса“, како во старите добри времиња, а Работнички си ги зголеми шансите за опстанок. Сепак, сето тоа остана во длабока сенка на играта на капитенот на поранешниот шампион Виктор Ефремовски кој се запиша во историјата на Работнички и на македонската кошарка.
Гостиварецот оствари раритетен ефект за македонски услови откако го заврши натпреварот со 50 поени, вклучувајќи девет тројки од 17 шута. Долго време беше без промашување од линијата за слободни фрлања, но го утна последното, на околу две минути пред крајот. Токму Ефремовски беше најзаслужен за само втората победа на Работнички во последните девет кола, најавувајќи многу подобри денови за својот тим. Иако првпат во кариерата ја достигна границата од 50 поени, за Ефремовски ова не е прва симултанка сезонава бидејќи во првото коло постигна 38 поени против Пелистер од вкупно 75 на својот тим само што сега имаше и фантастичен индекс – 47.
Покрај него, се истакна и Рикиќ со 19 поени и 18 скока, додека Грин со 19 поени беше најефикасен во тимот на Маџари.


