По низа пресврти и драматичен финиш, актуелниот шампион МЗТ Скопје по вторпат оваа сезона го совлада главниот ривал за титулата ТФТ и по подолго време повторно е лидер на табелата во Суперлигата.
Дербито кое се одигра во Негорски Бањи му припадна на тимот од Аеродром со 70-69, но мечот го одбележаа резултатските осцилации. Победникот се решаваше буквално во последните секунди, малку недостасуваше мечот да отиде во продолжение, но една грешка превагна на страната на МЗТ Скопје.
Шампионот многу подобро го почна натпреварот и во деветтата минута водеше со 15-6 што се покажа негова највисока предност на овој меч. ТФТ се врати во игра по серијата од 8-0 во вториот период по која го презеде водството (20-19) и на голем одмор замина со предност од 33-29. Третиот период комплетно му припадна на формалниот домаќин на овој меч кој на средината на четвртината имаше двоцифрена предност (47-37), прва на овој натпревар, а потоа уште двапати водеше со десет разлика.
Последен пат ТФТ имаше убедлива предност на седум минути пред крајот (56-48), но следуваше пеколна серија на МЗТ Скопје со 17-1 за тотален пресврт по што се чинеше дека шампионот ги има сите услови да слави на овој меч. На точно две минути пред крајот беше 69-62 за гостите, а потоа дојде до уште еден пресврт. Предводен од уште Гордон, Говенс и Ташовски, тимот од Тафталиџе направи серија од 7-0 за израмнување (69-69), а по промашувањето на Дамјан Стојановски, ТФТ имаше и напад за победа.
И место да се израдува на триумф или барем да се избори за продолжение, ТФТ фрли во вода се што изгради дотогаш. Прво Дејвис направи чекори, а потоа Ташовски, на три секунди пред крајот направи непромислен фаул на половината на противникот со што му овозможи две слободни фрлања на Смит. Американецот го погоди првото за 70-69, потоа промаши, но немаше време за сензационален кош на ТФТ.
Гил беше најефикасен кај МЗТ Скопје со 16 поени, Смит додаде 13, но со лош шут од игра (3/14). Шампионот генерално имаше лош шут за тројка (4/27), но тоа додава дополнителна вредност на оваа победа. Дејвис го предводеше ТФТ со 21 поен, 10 скока и пет асистенции, ама вицешампионот по се изгледа од втората позиција ќе влезе во плејофот.


