По убедливиот пораз од Данска пред три дена, женската кошаркарска репрезентација на Македонија денеска ја очекува уште еден голем предизвик во квалификациите за Европското првенство во 2027 година.
Денеска од 14:30 часот, нашиот национален тим во Солун ќе ѝ гостува на Грција која во претходното коло беше поразена од Хрватска. Со оглед на големите промени во македонската репрезентација, јасно е дека противникот е голем фаворит, но мечот во соседството треба да претставува искуство за младата селекција предводена од Александар Ашаданов.
Во првиот меѓусебен меч, одигран пред четири месеци во Скопје, Грција славеше со 101-84, но нашиот тим долго време беше рамноправен пред големиот фаворит. Во однос на тој состав, кај нас ќе ги нема Митрашиновиќ и Кметовска, но останува другите да дадат максимум и да се обидат да го подобрат впечатокот од Данска.


