Македонската женска репрезентација го доживеа четвртиот пораз во квалификациите за Европското првенство во 2027 година откако денеска загуби на гостувањето во Грција со 47-101.
Јасно беше дека домаќинките се големи фаворити за триумфот на овој меч, а Македонија безмалку половина од вкупниот број поени постигна во последната четвртина. По почетното водство на македонската репрезентација со 2-1, Грција во шестата минута првпат имаше двоцифрена предност (16-5), а на крајот од првата четвртина и 29-7.
Доминацијата на домашната селекција продолжи и во следниот дел од мечот, се до последниот период кога Македонија беше најрамноправна и ги загуби тие десет минути со 20-24. Мерит Хемпе беше убедливо најдобра во нашата репрезентација со 21 поен и осум скока и единствена имаше двоцифрен ефект.
Во последниот меч од овие квалификации, Македонија во вторник ја пречекува Хрватска во салата Градски парк во Скопје.


