Во екот на максимално згуснатиот распоред, имајќи предвид дека во седум дена ќе одигра четири натпревари, ТФТ оствари злато вредна победа на гостувањето кај МКК Куманово каде минатиот месец загуби во полуфиналето од Купот на Македонија.
Вечерва тимот од Тафталиџе славеше со 83-76 по продолжение и остана со МЗТ Скопје во трката за првото место на табелата. Двете екипи имаат идентичен број бодови, но во претстојното коло, во текот на викендот имаат исклучително незгодни натпревари кои можат да го одредат пласманот во пресрет на последните две кола од основниот дел на првенството.
Вечерашниот натпревар беше максимално израмнет за што најдобро зборува фактот што во основните 40 минути ниеден тим немаше повисока предност од пет разлика, а конечните +7 беа највисока разлика за една од екипите. И едните и другите постојано се менуваа во водство, а МКК Куманово во финишот ја пропушти својата шанса. На 90 секунди пред крајот, домаќините имаа +5 (67-62), но не го издржаа финалниот притисок на ТФТ.
Прво Ташовски постигна кош под фаул и намали на 65-67, а потоа Дејвис го израмни резултатот. Николиќ за момент го врати домашниот тим во водство за Гордон на 16 секунди да го постави конечниот резултат и да го однесе мечот во продолжение. Таму ТФТ го диктираше темпото, на помалку од две минути пред крајот поведе со 78-71, Стевановиќ со четири поени по ред ја врати неизвесноста, но точка стави Иванов со тројка на нешто повеќе од минута пред крајот.
Дејвис одигра извонреден натпревар и постигна 29 поени, Гордон додаде 15, а Ташовски 10, но ТФТ дојде до победата и покрај катастрофалниот шут за тројка (3/24). Радукиќ гоо предводеше МКК Куманово со 25 поени и 11 скока, а дабл дабл имаше и Луковиќ со 13 поени и 16 скока. Херојот од полуфиналето на Купот, Николиќ кој тогаш реализираше 31 поен, денеска беше задржан на само четири.


