Екипата на Гостивар ги задржа шансите за опстанок во Суперлигата откако вечерва на домашен терен го совлада Маџари со 86-66.
Гостиварци потоа му ја посветија победата на неодамна починатиот директор и основач на клубот Ѓорѓи Божиноски, носејќи маички со неговиот лик. Ова е петта победа сезонава за Гостивар кого го очекува тешка битка во последните две кола од основниот дел и потоа во плејаутот.
Гостите важеа за фаворити на овој меч бидејќи дојдоа во Гостивар како четвртопласирани на табелата, но не ги повторија изданијата од претходните натпревари. Тимот на Перо Блажевски само на почетокот од мечот беше во подредена улога кога Маџари водеше со 16-10, потоа Гостивар направи серија од 12-0, ја презеде контролата над резултатот и не го испушти водството до крајот. Конечниот удар го зададе меѓу третата и последната четвртина кога по десетте поени во низа отиде на недостижни 68-50.
Грегори беше најефикасен во победничкиот тим со 21 поен, Димитриевски постигна 16, а Диксон 15. Кај Маџари, само Амар Хот беше на ниво со дабл дабл од 16 поени и 13 скока.


