По пауза од една недела, екипата на ТФТ се врати на челната позиција на табелата во Суперлигата откако вечерва го совлада Пелистер со 99-84 во дербито на 20. коло.
Иако битолчани го диктираа темпото во воведните три четвртини, ТФТ одигра фантастично во последниот период и благодарение на него, на крајот дојде и до убедлива победа. Тие десет минути му припаднаа на домаќинот со 31-13, доволно за ТФТ да застане на првото место кое минатата недела му го препушти на МЗТ Скопје.
Пелистер многу подобро го почна натпреварот, а особено беше убедлив во вториот период кога ги достигна највисоките +12 (45-33) на нешто помалку од четири минути пред крајот на полувремето. ТФТ врати со серија од 10-0 за негатива од само два разлика, нешто подоцна и израмни на 50-50, но сепак гостите беа тие што го контролираа резултатот и на две минути пред крајот на третиот квартал поведоа со 66-61.
Пелистер беше во водство до втората минута од последниот период кога почна финалниот спринт на ТФТ. Со серија од 9-0 отиде на 82-74 што очигледно беше преголем шок за битолскиот тим кој не успеа да се консолидира и на крајот дури доживеа преубедлив пораз во однос на она што се случуваше на теренот.
Гордон одигра извонреден натпревар, постигна 24 поени, девет скока и седум асистенции, Сомервил додаде 20 поени, а Говенс 12. Вилсон го предводеше Пелистер со дабл дабл од 21 поен и 10 скока. Во последните две кола ТФТ го пречекува Гостивар и оди во Кавадарци кај Тиквеш и ако слави на двата меча ќе влезе во првата фаза од плејофот како првопласиран и ќе има предност на домашен терен против МЗТ Скопје.


