Екипата на Тиквеш ја продлабочи кризата на МКК Куманово откако вечерва му го нанесе третиот пораз во низа и четврти во последните пет кола.
Кавадарчани на домашен терен славеа со 92-86, па сега дури пет екипи се на еден бод разлика, на две кола пред крајот на основниот дел од сезоната. Иако по првиот дел на сезоната се наоѓаше во тешка ситуација, Тиквеш со трите победи во последните четири кола дојде во ситуација да се бори за пласман во првата фаза од плејофот.
Тиквеш го диктираше темпото безмалку цел натпревар, отвори со 7-0, а само во два наврата се наоѓаше во негатива и тоа со по еден поен разлика. Првиот удар го зададе по серијата од 12 поени по која поведе со 33-22, а највисоката предност ја имаше кон средината на последниот квартал кога поведе со 87-71. Во финишот гостите успеаја да намалат на шест разлика, но далеку од тоа дека ја загрозија победата на некогашниот шампион.
Целта стартна петорка на Тиквеш постигна двоцифрен број поени, најефикасен беше Глигоријевиќ кој оствари дабл дабл со 20 поени и 10 скока, но се истакна и Парсонс со 17 поени, девет скока и осум асистенции. Кај МКК Куманово, за кого не настапи Урош Луковиќ, најдобар играч беше Радукиќ кој постигна 20 поени и 14 скока.


