По двете исклучително важни победи во домашното првенство, ТФТ денеска го очекува четвртиот натпревар во последните седум дена, исто така со огромно значење.
Вицешампионот на Македонија, кој во неделата се врати на првото место во Суперлигата, во Градски парк ќе го пречека Златибор во вториот меч од четвртфиналната серија во АБА 2. Српскиот тим веќе води со 1-0 откако минатата недела славеше со 101-86, па ТФТ нема друг избор, освен да победи вечерва за да остане во игра за следната фаза. Златибор повторно е еден од фаворитите за титулата, игра во фантастична форма во последно време за што доказ е и претходниот меч со ТФТ на кој погоди 19 тројки. Сепак, покрај силниот ривал, противник на македонскиот тим ќе бидат и заморот и напорниот распоред бидејќи во претходните седум дена одигра три мошне тешки натпревари.
„Нашиот пеколен ритам на натпревари продолжува со реваншот против Златибор на домашен терен. Елиминациски натпревар за нас против одлична екипа која, во меѓувреме, ја освои титулата во КЛС претходниот викенд, а остануваат уште неколку кола до крајот на првенството. Свесни за недостатоците од првата средба, ќе се обидеме подобро да го одбраниме пикенролот и шутот за 3 поени против Златибор, екипа со 37 тројки во последните два натпревара со над 55% реализација. Физичкиот пристап и концентрацијата се клучни фактори во нашиот обид да ја продолжиме серијата во плејофот“, објасни тренерот на ТФТ, Боро Смилковски.
ТФТ сезонава доживеа само еден пораз на четири натпревари како домаќин и тоа минимален од Хелиос, во меч во кој на 90 секунди пред крајот водеше со три разлика. Златибор ќе биде огромен предизвик, но јунаците на мака се познаваат, па така ќе биде и вечерва.
Натпреварот во Градски парк се игра од 18 часот, а ако ТФТ победи, „мајсторката“ е идната недела на теренот на Златибор.


