Вицешампионот на Македонија, ТФТ ќе игра „мајсторка“ во четвртфиналето од АБА 2 лигата откако вечерва на домашен терен го совлада Златибор со 87-79.
Резултатот во серијата сега е 1-1, а одлучувачкиот меч ќе се игра на теренот на Златибор идната недела. Победата на ТФТ добива на значење ако се знае дека е остварена по негатива од 18 разлика и во ситуација кога се чинеше дека патот на овој тим во регионалното натпреварување е завршен.
Српскиот претставник многу подобро влезе во натпреварпт и водеше цело прво полувреме. Отвори со 9-2, нешто подоцна првпат имаше двоцифрена предност (19-9), а по серијата од 8-0 во вториот период отиде на 40-23. Највисоката предност ја имаше пред крајот на првото полувреме кога во два наврата имаше +18 (45-27 и 49-31), па и присутните во Градски парк веќе помислија дека тука е крајот.
Но, ТФТ не само што не се предаде, туку и негативата ја стопи веќе во третата четвртина кога по серијата од 13-0 поведе со 60-59 што беше прво водство на мечот за нашиот тим. Златибор одговори со осум поени во низа, но борбата во последниот период допрва се разгоруваше. По неколку промени на водството, финалниот спринт го направи ТФТ кој го затвори натпреварот со серија од 10-0 за конечна победа и израмнување на серијата. Второто полувреме му припадна на македонскиот тим со вкупно 54-30 што против екипа како Златибор е огромно достигнување.
Дејвис повторно беше најефикасен кај ТФТ, постигна 23 поени со седум скока и шест асистенции, Гордон додаде 15, а Говенс 15 поени.


