Благодарение на одличните настапи последниот месец, Лука Дончиќ се искачи на второто место во МВП трката во НБА, но за Лос Анџелес Лејкерс тоа не е доволно.
Тимот од Калифорнија синоќа почна кампања на социјалните мрежи со која сака да ги убеди сите дека словенечкиот ас го заслужува најголемото индивидуално признание. Франшизата го потенцира тоа дека Дончиќ е лидер во НБА во дури седум статистички категории, вклучувајќи го и она за најдобар стрелец каде убедливо води со просек од 33,4 поени по натпревар.
Секако, најголема конкуренција на Дончиќ е Шеј Гилџес Александер, пред се поради тоа што Оклахома е најдобар тим во лигата иако Канаѓанецот ни оддалеку нема бројки како кошаркарот на Лејкерс. Тимот од Лос Анџелес нема реални шанси да се најде на првото место на крајот од сезоната и тоа би можело да биде одлучувачки фактор во трката за МВП наградата.
Лос Анџелес Лејкерс немал МВП во НБА лигата полни 18 години. Последниот кој го освои признание е Коби Брајант во сезоната 2007/08 и тоа беше единствена таква награда за него во кариерата.


