До крајот на основниот дел во македонската кошаркарска Суперлига остануваат уште две кола, а поради новиот систем на натпреварување, возбудувањата достигнуваат кулминација.
Од ова сезона, лигата повторно се дели на по шест тима, оние од првото до шестото место играат прва фаза плејоф по еднокружен систем, а тие од седмото до 12. ќе учествуваат во лигата за опстанок (плејаут), исто така еднокружно. Суперлигата ќе се крати, од идната натпреварувачка кампања ќе брои десет екипи, па сега три испаѓаат во понизок ранг.
На две кола пред крајот, извесни се пет екипи кои ќе учествуваат во плејофот. Маџари е петтопласиран и теоретски не го обезбедил местото во разигрувањето за титулата, но му треба една победа во следните два меча, а во последниот круг се среќава со Ангели. Од шестото до десеттото место, екипите ги дели само еден бод и теоретски сите имаат шанси за пласман во плејофот: МКК Куманово, Тиквеш, Чаир, Работнички и Феникс.
МКК Куманово си ја искомплицира ситуацијата со лошата форма по Купот и четирите порази во последните пет кола. Тиквеш се крена од бездната и сега има шанси дури и за плејофот, а Чаир со поразите од Маџари и Феникс испушти можност да влезе во топ-6, па дури и да се бетонира таму. Работнички се чини дека има невозможна мисија затоа што заостануват еден бод зад МКК Куманово и Тиквеш, а во последните две кола се среќава со МЗТ Скопје и МКК Куманово, а дури и две победи не му гарантираат пласман во плејофот.
Покрај борбата за плејоф, во последните две кола ќе се одлучува и за првото место на табелата на кое атакуваат ТФТ и МЗТ Скопје, а кое во моментов го поседува тимот од Тафталиџе.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА ЕКИПИТЕ ОД 6. ДО 10. МЕСТО
МКК КУМАНОВО
Кожув (дома)
Работнички (гости)
ТИКВЕШ
Пелистер (г)
ТФТ (д)
ЧАИР
Ангели (г)
МЗТ Скопје (д)
РАБОТНИЧКИ
МЗТ Скопје (г)
МКК Куманово (д)
ФЕНИКС
Маџари (д)
Гостивар (г)


