Екипата на ТФТ и по 21. коло ќе остане лидер на табелата во Суперлигата откако вечерва на домашен терен го победи Гостивар со 87-82.
На лидерот, сепак, му требаше екстра напор за да дојде до новата победа бидејќи гостите беа во водство во најголемиот дел од натпреварот. ТФТ во втората четвртина водеше со 26-19 што беше негово најголемо водство, но гостиварци не само што го свртеа резултатот, туку на осум минути пред крајот водеа и со 11 разлика (72-61).
Изгледаше дека ќе дојде до една од најголемите сензации во Суперлигата оваа сезона, но ТФТ, сепак, успеа да се консолидира во финишот. Полека почна да ја топи негативата за финалниот удар да го зададе во последните три минути. По водството на Гостивар со 82-76, домаќините го затворија мечот со серија од 12-0 која им помогна да дојдат до важна победа.
Зафиров одигра одличен натпревар и постигна 18 поени со четири тројки, половина од вкупниот број постигнати на ТФТ на овој меч. Кај Гостивар, а и воопшто на мечот, најефикасен беше Црниќ со 25 поени.


