Откако лани го зголеми бројот на учесници од 18 на 20, Евролигата сега планира нова експанзија што ќе придонесе и за промена на системот.
Директорот на организацијата Чус Буено најави дека ако бројот на екипите стигне барем до 22, постои голема веројатност тие да бидат поделени во конференции, по примерот на НБА лигата. Засега сето тоа е во почетна фаза, но Буено откри дека секојдневно има разговори и барања од клубови за влез во Евролигата. Меѓу заинтересираните е и клубот на Андреј Јакимовски, Тренто кој оваа сезона се натпреваруваше во Еврокупот.
„Веќе сум во контакт со Тренто, Венеција и Наполи, нивни претставници ме контактираат бидејќи сакаат да знаат каква е иднината на лигата. Со задоволство споделувм со нив што имаме во нашиот тригодишен план. Италија е голема земја, со долга кошаркарска традиција и добри партнери и не е лошо да имаме уште еден клуб оттаму“, рече Буено.
Тој, меѓу другото, додаде дека засега не се размислува за враќање на руските клубови во Евролигата и Еврокупот, но и за исклучување на израелските клубови и Дубаи.


