Најуспешниот тим во македонското кошаркарско првенство Работнички се наоѓа во реална опасност, првпат во историјата да испадне од елитната конкуренција што би била кулминација на она што се случува во клубот последните седум години.
Аматерскиот начин на кој функционира некогашниот гигант може да заврши фатално, за жал на армијата навивачи „од Ѓорче Петров до Железничка“. Ако се изземат играчите од младинската школа, само тројца кошаркари останаа од составот кој ја почна оваа сезона: Дамјан Робев, Филип Наков и капитенот Виктор Ефремовски. Се останато се смени, вклучувајќи ги и странците бидејќи едни почнаа, потоа дојдоа други, а во моментов тука се само Грушановиќ и Рикиќ. Дури и со странските кошаркари имаше проблеми затоа што клубот не можеше да ги регистрира во воведните неколку кола, па Работнички поради тоа доживеа тешки катастрофи. Управата го остави на цедило стручниот штаб кој врши лавовска работа оваа сезона и вади максимум од она што го има на располагање.
Во моментов во екипата има само осум сениори, товарот е паднат на седум од нив кои вечерва му дадоа екстра силен отпор на шампионот МЗТ Скопје, но не успеаја да направат сензација во „Јане Сандански“. Работнички падна во неизвесен финиш, по продолжение и на начин на кој загуби уште неколку натпревари оваа сезона.
Поточно – шест со четири или помалку поени разлика: од МЗТ (93-97 по продолжение), Феникс (67-71), Чаир (73-75), Гостивар (66-68), ТФТ (84-88) и Пелистер (85-88). Дополнително, има уште по еден пораз со пет, шест и седум разлика во тесни натпревари кои можеа да превагнат на страната на Работнички.
Да добиеше половина од овие шест меча, тимот од Градски парк не само што ќе имаше обезбеден опстанок, туку ќе се наоѓаше на четвртата позиција на табелата и идниот викенд против МКК Куманово ќе играше за пласман во плејофот и борба за титулата.


