Суперѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс повторно го собори својот рекорд за највозрасен играч во историјата на НБА што постигнал трипл-дабл, во победата неговиот тим над Вашингтон со 120-101.
Тимот од Калифорнија без проблеми го совлада противникот со најлош биланс во НБА и покрај тоа што во составот не беше Лука Дончиќ кој мораше да ја „одлежи“ суспензијата од еден натпревар. Визардс го доживеаја 18. пораз во последните 19 натпревари, а неуништливиот Џејмс придонесе со 21 поен, 10 скока и 12 асистенции за 33 минути.
Тој беше најдобар стрелец воопшто на натпреварот, а Остин Ривс (девет асистенции) и Лук Кенард додадоа по 19 поени во новата победа на Лејкерс. Вил Рајли го предводеше Вашингтон со 20 поени.
Лејкерс се зацврстија на третата позиција на табелата во Западната конференција со една победа повеќе и натпревар помалку од четвртопласираниот Денвер Нагетс. Вашингтон одамна е отпишан од борбата за разигрувањето.
РЕЗУЛТАТИ
Мајами – Филаделфија 119-109
Атланта – Бостон 112-102
Мемфис – Феникс 105-131
Сан Антонио – Чикаго 129-114
Далас – Минесота 94-124
Јута – Кливленд 113-122
Оклахома – Детроит 114-110
ЛА Лејкерс – Вашингтон 120-101


