Андреј Шошкиќ ја заврши својата прва сезона во НЦАА лигата каде настапуваше за Универзитетот Стони Брук.
Поранешниот кошаркар на Работнички и младински и сениорски репрезентативец имаше можност на дело да види како изгледа да се игра во едно од најсилните натпреварувања во САД. Остави одличен впечаток, брзо се вклопи во новата средина и покажа дека одличните настапи во македонското кошаркарско првенство претходните сезони не биле случајност. Пред да се врати во Македонија, 20-годишниот плејмејкер дава генерална оценка на она што се случуваше претходните пет месеци.
„Задоволен сум од првата сезона во НЦАА иако секогаш има простор за подобрување. Се избори за место и бев меѓу главните играчи на крајот од сезоната. Сите верувавме во она што го градевме цела сезона, но на крајот тоа не беше доволно за да направиме изненадување со плејофот. Ситници беа во прашање, но не успеавме да се избориме до крај. Минутажата и довербата од тренерот ги добив само со напорна работа на тренинзите и борба на секој натпревар.

Многу се подобрив во текот на сезоната и знам во кои елементи треба да се подобрам за во иднина. Да можев да го вратам времето и да ја повторам сезоната, ќе имав многу поинаков пристап и менталитет кон секој натпревар“, вели Шошкиќ.
По добрата сезона во НЦАА, неизбежно е прашањето околу репрезентацијата која во моментов води битка во првата претквалификациска фаза за пласман на Европското првенство во 2029 година. Поради обврските со Стони Брук, Шошкиќ ги пропушти првите четири натпревари од циклусот, но би можел да игра во јулскиот „прозорец“.
„Секогаш сум достапен за репрезентацијата ако немам клупски обврски. За циклусот во јули, постои голема шанса универзитетот да ми дозволи да играм за репрезентацијата, но за оној во август не можам да кажам сè уште, чекам зелено светло од стручниот штаб“, додаде Шошкиќ.


