Вицешампионот на Македонија, ТФТ е сензационален патник во полуфиналето од АБА 2 лигата откако вечерва славеше на гостувањето кај Златибор со 90-80.
Дуелот во Чајетина беше „мајсторка“ во оваа серија, а тимот од Тафталиџе се надмина себеси и дојде до уште еден историски успех, по триумфот во Купот на Македонија во 2022 година и учеството во финалето од домашното првенство лани. Малкумина му даваа шанси на нашиот состав, но ТФТ уште еднаш покажа дека сезонава има сериозен тим и дека е подготвен за највисоки дострели.
Најава за историскиот успех на ТФТ беше првата четвртина во која ТФТ водеше и со 14 разлика (26-12), а ја заврши со 28-15. Златибор се врати во вториот период, благодарение на серијата од 11-0 или вкупно 15-3, па на полувреме ТФТ имаше минимална предност, од 38-36. Целосен пресврт се случи во третиот квартал, но Златибор само во неколку наврати се најде во водство, вклучувајќи го крајот на тој период, а победникот се решаваше во последните шест минути.
По водството на Златибор со 67-66, ТФТ направи серија од 7-0, а не го поколеба ни фактот што дури петмина кошаркари мораа да излезат од игра поради пет лични грешки, вклучувајќи ги Американците, Гордон, Дејвис и Сомервил. Во клучните моменти одговорноста ја презедоа Зафиров, Говенс и Ташовски, па лидерот на табелата во македонското првенство дојде до историската победа.
Говенс уште еднаш ја покажа својата класа, постигна 23 поени, осум асистенции, седум скока и четири украдени топки за индекс 37. Уште четворица покрај него имаа двоцифрен број поени.
Во полуфиналето, ТФТ ќе игра против црногорскиот претставник Сутјеска кој беше подобар од Војводина со 2-0. Втората двојка ја сочинуваат Широки и Хелиос.


