Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ го одигра својот најефикасен натпревар во дресот на Баерн во Евролигата и е најзаслужен за победата на неговиот тим против актуелниот европски шампион Фенербахче.
Баерн славеше со 85-76, а за разлика од претходните натпревари кога Нено главно се обидуваше да ги разигра своите соиграчи, сега одлучи да ги преземе работите во свои раце. Беше најефикасен играч на натпреварот со 22 поена за 21 минута во игра, со шут 5/9 за два, 2/4 за три и 6/7 од линијата за слободни фрлања. Со сето тоа оствари индекс 25, исто такка највисок на натпреварот.
Изданието на Димитријевиќ го дозакопа Фенербахче кој се наоѓа во неверојатна криза во овој период од сезоната. За турскиот и европски шампион ова беше петти пораз по ред сметајќи ги сите натпреварувања, а сега му е доведено и првото место на табелата во Евролигата бидејќи ако Олимпијакос и Реал победат в петок ќе се израмнат со него на врвот.
За жал и покрај големата победа, Баерн нема шанси да се вклучи во разигрувањето за титулата во Евролигата бидејќи на три меча пред крајот на сезоната, заостанува четири победи зад Монако и Црвена Звезда кои се на деветтата и десеттата позиција.


