Екипата на Гостивар оствари исклучително важна победа во борбата за опстанок откако денеска на домашен терен го совлада Феникс со 76-74.
Иако шансите се сведени на теорија, очигледно е дека под водство на Перо Блажевски, гостиварци играат многу подобро. Денеска љубителите на кошарката во овој град имаа можност повторно да ги видат заедно милениците од пред четврт век, кога друг тим од Гостивар, Николферт беше еден од доминантните во земјава.

Гостин на Гостивар беше легендарниот Ѓорѓи Књазев со своето семејство, инаку кум на Перо Блажевски со кого помина и најголем дел од играчката кариера, од Работнички, преку МЗТ Скопје до Николферт. Со Николферт заедно го освоија трофејот во Купот на Македонија во 2001 година.
Књазев долго време е надвор од Македонија, во моментов е во Кувајт заедно со своето семејство и сопругата Лидија Књазева (Петрушевска) исто така поранешна кошаркарка и репрезентативка на Македонија.


