Екипата на Кожув направи спектакуларен пресврт вчера во дуелот со Пелистер и од -19 дојде до победа која го однесе тимот во плејофот.
Гевгеличани има неколку херои, но во преден план излезе младинскиот репрезентативец Димитар Зетов кој го одигра својот најдобар натпревар сезонава и има огромен придонес за големиот триумф. На теренот помина само 11 минути и тоа првпат влезе на една минута пред крајот на третиот период, а сепак успеа да постигне 12 поени, сите од удари за тројка.
Шутерското шоу на младиот струмичанец почна на стартот од последната четвртина, а заврши пет минути подоцна со тројка со која го израмни резултатот. Од пет шута за тројка, погоди четири пати, а Кожув на крајот славеше огромна победа со која си ги зголеми шансите и за полуфиналето во домашното првенство.


