Капитенот на Работнички, Виктор Ефремовски ја игра убедливо најдобрата сезона во својата кариера иако неговите бројки не соодветствуваат со резултатите на неговиот тим.
Работнички се бори за опстанок во елитната конкуренција и покрај тоа што во своите редови го има убедливо најдобриот стрелец во првенството. Во 22. кола од основниот дел од сезоната, 27-годишниот гостиварец има просек од 22 поени по натпревар што е најдобар ефект во историјата на македонското првенство. Најблиску до него е Александар Костоски кој во 2012 година постигнуваше по 21,7 поени.
Формата на Ефремовски достигна кулминација последниот месец во кој репрезентативецот имаше неколку блескави изданија. Пред се рекордот на Работнички со 50 постигнати поени против Маџари и вкупно 177 поени на последните шест натпревари или во просек по безмалку 30 на меч.
Интересно е тоа што Ефремовски сезонава нема ниеден натпревар со едноцифрен број поени, што е исто така преседан во македонската кошарка, како и тоа дека се наоѓа во серија од шест меча со 20 или повеќе поени. Јасно е дека само од неговата форма, односно од тоа дали ќе успее да ја задржи, ќе зависи опстанокот на Работнички во Суперлигата оваа сезона.


