Славниот српски кошаркарски стручњак Душко Вујошевиќ починал денеска на 67-годишна возраст, објавија медиумите кај нашиот северен сосед.
Вујошевиќ долги години имаше здравствени проблеми, но остана активен и постојано ги следеше кошаркарските натпревари, а даваше и свои анализи за состојбите во српската и европската кошарка. Последниот ангажман го имаше во 2021 година во романскиот Клуж, но најдобрите години во кариерата ги помина како тренер на Партизан.
Беше познат по својата цврста дисциплина, голем авторитет на и надвор од теренот, остриот поглед и јазикот, што го правеше човек кого луѓето или го сакаа безусловно или не го сакаа воопшто. Најголемиот белег го остави во Партизан, каде што ја започна својата тренерска кариера во јуниорските категории во 1976 година и со кого подоцна доминираше во првата деценија од овој век, како во домашните, така и во регионалните натпреварувања, но исто така забележа значајни резултати во Евролигата.
Така, во 2010 година, ги предводеше црно-белите до најголемиот успех на српската клупска кошарка во поновата историја со пласманот во Ф4 во елитното натпреварување. Претходната сезона беше прогласен за најдобар тренер на Евролигата, кога стигна до второто четвртфинале по ред со Партизан и ја доби наградата „Александар Гомељски“.
Беше шампион на Југославија, Србија, АБА лигата и победник на ФИБА Купот „Радивој Кораќ“.


