Екипата на ТФТ со брејк ја почна полуфиналната серија од АБА 2 лигата и идната недела на домашен терен може да го завери пласманот во финалето од регионалното натпреварување.
Денеска, тимот од Тафталиџе и актуелен вицешампион на Македонија славеше на гостувањето кај Сутјеска во Никшиќ со 93-88 за водство од 1-0 во серијата која се игра до две победи. ТФТ одигра фантастично прво полувреме во кое постигна 58 поени водеше со 19 разлика и тоа беше клучно за големиот триумф во Црна Гора.
Сутјеска се обиде да се врати во второто полувреме, се доближи на само шест разлика (72-78) на седум минути пред крајот, но ТФТ одговори со серија од 8-0 и дефинитивно го скрши отпорот на домашниот тим.
Виктор Ташовски одигра извонреден натпревар со 28 постигнати поени, но уште подобар беше Гордон кој оствари дабл дабл со 14 поени и 12 скока за индекс 27. Вториот меч од серијата се игра на 15 април во Скопје и ако ТФТ победи, првпат во својата историја ќе игра во финале на АБА 2 лигата.


