Со дуелот меѓу Чаир и Ангели, вечерва од 20 часот официјално почнува плејаутот, односно борбата за опстанок во елитната конкуренција.
Кошаркарската федерација на Македонија пред почетокот на сезоната донесе одлука за кратење на Суперлигата, поради што три екипи го напуштаат ова друштво и тоа носи дополнителна драматика. Ангели се веќе испаднати, Гостивар ја има само теоријата на своја страна, а главната битка ќе се води за избегнување на третото место кое носи во понизок ранг.
Ако Чаир денеска и МКК Куманово утре победат, дефинитивно ќе го обезбедат местото во елитата и идната сезона, а главниот меч од првото коло на плејаутот се игра в сабота во Градски парк, од 18 часот. Работнички го пречекува Феникс од кого два пати сезонава беше поразен, но сепак има една победа повеќе. Ако успее да слави и в сабота, во голема мера ќе го обезбеди опстанокот, но ако загуби и трет пат, ќе му биде многу тешко во следните четири кола во кои ќе треба да очекува кикс на својот ривал.
ДВОЈКИ ЗА 1. КОЛО ОД ПЛЕЈАУТОТ
09.04.2026 Чаир – Ангели 20:00
10.04.2026 МКК Куманово – Гостивар 18:00
11.04.2026 Работнички – Феникс 18:00


