Екипата на Работнички ја доби можеби клучната битка за опстанок во Суперлигата откако вечерва славеше во директниот дуел со Феникс со 93-83.
Со оглед на тоа што Ангели и Гостивар се веќе отпишани, Работнички и Феникс се борат за избегнување на последното место кое води во понизок ранг, а тимот од Градски парк сега има две победи повеќе, на четири кола пред крајот на сезоната. Малку недостасуваше вечерва Феникс и трет пат сезонава да го победи Работнички, но немаше сили во финишот.
Домаќините го зададоа првиот удар на мечот откако во седмата минута поведоа со 19-9 и покрај тоа што не функционираше шутот од далечина. Нешто подоцна беше и 23-12, но Феникс брзо се созеде и благодарение на серијата од 9-0 во вториот период, дојде до водство од 32-29. До тој момент, Работнички од дистанца шутираше 1/12, но следуваше жесток одговор со 16-3 за предност од 44-35 на голем одмор.
Работите за Феникс се искомплицираа кон средината на третата четвртина кога во проблеми со лични грешки (4) влегоа најдобрите играчи Ниа и Рахама поради што тренерот Дервишевиќ мораше да ги повлече од игра. Работнички го искористи тоа за со серија од 12-0 да дојде до највисоки +20 (65-45) на нешто помалку од три минути пред крајот на третиот период. Се чинеше дека тука е крајот за Феникс, но Дервишевиќ одлучи да се коцка, ги врати загрозените со лични грешки и за малку ќе добиеше.
Домаќините очигледно се олабавија, предност почна да се топи и на шест минути пред крајот беше само 73-71 за Работнички. Голем придонес за пресвртот, покрај Американците, имаше Карло Блажевски кој одигра одлична одбрана на Робев, украде две топки и малку недостасуваше да стане херој на својот тим. Сепак, Рахама тукушто се разигра мораше да излезе поради пет лични грешки, нешто подоцна истата судбина ја доживеа и Дајсон и Работнички повторно се одлепи, но овојпат не дозволи пак да дојде до пресврт. Тројката на Ефремовски на 45 секунди пред крајот официјално означи крај на сите дилеми околу победникот.
Токму Ефремовски повторно беше најефикасен со 30 поени, но уште еден монструозен меч одигра Роберт Рикиќ кој постигна 22 поена и 17 скока за индекс 43. Рахама со 20 поени го предводеше Феникс, а Ниа оствари дабл дабл 15 поени и 11 скока.


