Актуелниот шампион МЗТ Скопје го заборави минатонеделниот пораз од Чаир и со победа против Кожув го почна плејофот во Суперлигата.
На домашен терен, аеродромци славеа со 84-75 во првиот меч на Војдан Стојановски по безмалку два месеца пауза. Последен пат тој беше во тимот на МЗТ Скопје на 21 февруари во дуелот против МКК Куманово, десетина дена подоцна се повреди на гостувањето на репрезентација во Азербејџан и до денеска не му беше на располагање на тренерот Васко Атанасов. Без него во составот, МЗТ Скопје доживеа два пораза, а се мачеше и со Работнички пред две недели, но некако успеа да победи, по продолжение.
Кожув ја имаше таа несреќа Војдан да се врати денеска и да покаже колку значи за МЗТ Скопје, пред се на психолошки план. Неговото присуство им даде самодоверба и на другите кошаркари кои го извадија шампионското од себе и дојдоа до победата. Клучна беше последната четвртина во која МЗТ Скопје влезе со минимална негатива, а излезе како победник.
Кожув одлично се бореше до средината на последниот период, водеше со 69-65, но следуваше серија од 14-3 за пресврт и водство на шампионот со 79-72 што се покажа недостижно за гевгеличани. Серијата ја иницираше токму Војдан со тројка, а му се придружија брат му Дамјан и Танасковиќ за точка да стави Петков на 40-тина секунди пред крајот.
Дамјан Стојановски заврши со дабл дабл од 21 поен и 10 скока, Танасковиќ исто така постигна 21 поен, а Војдан заврши со 15. Се врати и Маслинко кој на теренот помина 24 минути. Боуен го предводеше Кожув со 24 поени и 15 скока.


