Место во текот на неделата, второто коло од плејофот и плејаутот во македонскиот кошаркарски шампионат ќе се игра претстојниот викенд.
Планот на Кошаркарската федерација беше да се забрза распоредот, но сето тоа го „уништи“ ТФТ со својот историски успех и пласманот во полуфиналето од АБА 2 лигата. Вториот меч од серијата против Сутјеска, вицешампионот го игра в среда на домашен терен, а за да нема згуснат распоред, како што беше случај во четвртфиналето, во пресрет излезе Федерацијата која одлучи да го одложи вториот круг во двете конкуренции.
„Ваквото поместување не се однесува само на ТФТ, туку истото неминовно ги засега и клубовите кои се нивни противници во наредните кола, како и целокупниот распоред на натпреварувањето. Од особено значење е да се нагласи дека една од клучните цели на оваа одлука е обезбедување на синхронизирано завршување на Топ 6 и Плеј-аут лигата, со што се гарантира еднаков натпреварувачки третман, зачувување на интегритетот и избегнување на евентуални натпреварувачки предности или неправилности. Оваа одлука е донесена во насока на избегнување на дополнително усложнување на календарот, обезбедување рамноправни услови за сите клубови и зачувување на регуларноста и кредибилитетот на натпреварувањето“, објави Комесарот, Александар Милојевиќ.
Второто коло од плејофот е од исклучително значење бидејќи директно одлучува за првото место. Во него треба да се сретнат финалистите од минатата сезона и во моментов двете првопласирани екипи ТФТ и МЗТ Скопје, па нема сомнение дека би било подобро и за кошаркарската јавност тој меч да се игра во текот на викендот. ТФТ води со 1-0 во серијата со Сутјеска и в среда има шанса да обезбеди историски пласман во финалето од регионалното натпреварување.


