ТФТ е втор македонски клуб кој успеал да се пласира во финалето од АБА 2 лигата, по МЗТ Скопје кој се бореше за титулата во 2019 и 2022 година.
Аеродромци во двата случаја не успеаја да дојдат до трофејот, во првото финале загубија од Приморска, а во второто од Златибор, но во 2022 година успеаја да се пласираат во АБА лигата како вицешампиони. ТФТ нема да има таква можност, мора да го освои пехарот за да дебитира во елитната конкуренција, а по она што го направи досега, секако дека не е без шанси иако повторно нема да ја има предноста на домашниот терен. По триумфот против Сутјеска, тренерот Боро Смилковски не го криеше своето воодушевување и, како што повторува во текот на целиот плејоф, верува во освојувањето на титулата.
„Ќе почнам со она што го кажувам веќе две недели, добро е да си ТФТ и вечерва и во претходниот период. Би сакал да му се заблагодарам на Марко, тренерот на Сутјеска, кој кажа прекрасни зборови, играч и тренер кој на фантастичен начин ја претставува кошарката како игра.
Ги контролиравме двата натпревара од почеток до крај, имаше некои падови, но заморот си го направи своето. Би ја издвоил контролата на емоциите, која дојде од шансата за финалето и публиката, која беше прекрасна. Во секој случај, играчите мора да останат смирени и да ги контролираат своите емоции, сè уште имаме многу да постигнеме. Одиме чекор по чекор, не очекува финале и домашно првенство. Ќе се потрудиме да го завршиме патот до АБА 1 на најдобар можен начин. Најавувам борба до самиот крај и борба за трофејот. Тоа ќе биде круна на сезоната. Тафта треба да биде горда на нас“, рече Смилковски.
Финалната серија од АБА 2 почнува на 22 април, дотогаш ТФТ го очекува дербито со МЗТ Скопје во плејофот во домашното првенство. Екипата од Тафталиџе има шанса сезоната да ја заврши со два трофеја.


