Утре се играат натпреварите од второто коло од плејофот, а тоа носи голема пресметка, меѓу најголемите и можеби единствени кандидати за шампионската титула во македонското кошаркарско првенство оваа сезона.
ТФТ во Маџари ќе го пречека шампионот МЗТ Скопје во реприза на ланското, а можеби и најава на овогодишното финале во плејофот. Како ретко кога во последните 15 години, МЗТ Скопје како послабо пласиран ќе влезе во финишот од основниот дел од сезоната и утре му е потребна победа за да се врати на врвот. На претходните два меча, аеродромци славеа со тоа што едниот меч се играше во Аеродром, а вториот во Негорски бањи. И покрај тоа, американскиот интернационалец во редовите на МЗТ Скопје, Хуан Дејвис е категоричен дека неговиот тим треба да одигра најдобро што може за и трет пат да излезе како победник.
„Пред нас е исклучително важен натпревар во битката за првото место пред плејофот. Свесни сме за тоа и се подготвуваме на највисоко ниво и покрај многуте отсутни во тимот. Ние сме МЗТ Скопје и имаме обврска да дадеме 110% од нас на секој натпревар, а особено на вакво дерби. Досегашните две победи во меѓусебните средби покажаа дека знаеме како да играме против овој ривал. Се надевам дека серијата ќе продолжи и дека ќе ги израдуваме нашите навивачи“, рече Дејвис.
Во тимот на МЗТ Скопје на минатиот натпревар се вратија Војдан Стојановски и Андреј Маслинко, но Магдевски ќе биде отсутен до крајот на сезоната поради повреда.


