Вечерва официјално почнува плејофот во НБА лигата, а ноќеска беше комплетиран списокот на учесници во него, по последните натпревари од плејинот.
Во разигрувањето за титулата одат уште Орландо и Феникс кои во првата рунда ќе бидат противници на Детроит и Оклахома.
Орландо го победи Шарлот со 121:90 иако се очекуваше овој натпревар да биде понеизвесен, особено затоа што Хорнетс беа во добра серија, а претходно го елиминираа Мајами. Практично сè беше решено по првата четвртина. Орландо веќе имаше +22 во тој момент, а до крајот на полувремето разликата беше 31 поен, па беше јасно кој ќе продолжи понатаму.
Најдобар поединец на натпреварот беше Паоло Банкеро, кој постигна 25 поени, имаше пет скока и шест асистенции. По него следеше Франц Вагнер со 18 поени.
Феникс беше подобар од Голден Стејт со 111-96, пред се благодарение на Џејлен Грин кој постигна 36 поени. Феникс ќе се соочи со бранителот на титулата Оклахома во првото коло, а првиот натпревар е закажан за недела. Сезоната на Голден Стејт е завршена.
Грин беше исклучително ефикасен, погодувајќи 14 од 20 шута од поле, вклучувајќи 8 од 14 тројки. Џордан Гудвин исто така придонесе со 19 поени, девет скока и шест украдени топки. Тензијата се зголеми во последните минути од натпреварот. Девин Букер и Дрејмонд Грин добија по две технички фаули и беа исклучени од игра поради меѓусебни провокации.

Искусниот Стеф Кари (38) не успеа да го пронајде својот ритам. Тој постигна 17 поени со слаб шут (4/16). Најефикасен играч за Вориорс беше Брендон Подзимски со 23 поени.


