ТФТ се бетонира на првото место на табелата во плејофот откако денеска како домаќин го совлада најголемиот ривал за титулата МЗТ Скопје со 93-91.
Тимот од Тафталиџе заслужува честитки за триумфот затоа што уште еднаш покажа шампионски менталитет, не се предаде по негативата од 16 разлика и со голем напор дојде до победата. На три кола пред крајот има две победи повеќе од МЗТ Скопје и поволна позиција да заврши како лидер пред разигрувањето за титулата.
Натпреварот го одбележаа големите осцилации во играта на двете екипи, како и во резултатот. МЗТ отвори со 21-11 по седум минути игра за ТФТ потоа да направи пресврт и на голем одмор да замне со 43-41. Уште подраматично беше во второто полувреме во кое домаќинот водеше со осум разлика (49-41), но му дозволи на МЗТ со серија од 20-3 да поведе со највисоки +16 (77-61) на девет минути пред крајот на мечот.
Се чинеше дека тука е крајот на сите надежи на ТФТ за прва победа против шампионот оваа сезона, но драмата тукушто почнуваше. Финалистот одговори уште побрутално, со 22-2 за неполни пет минути игра, а предводен од својот најдобар играч Виктор Ташовски. Откако дојде до водство, ТФТ одржуваше предност меѓу еден и четири разлика, се до осум секунди пред крајот кога Марин Петков погоди тројка за израмнување (90-90).
И кога повторно сите имаа чувство дека натпреварот ќе отиде во продолжение, на сцена стапи Ташовски со нова тројка на помалку од секунда пред крајот за водство од 93-90. Клупата на ТФТ доби техничка, само колку Дамјан Стојановски да го постави конечниот резултат од линијата за слободни фрлања.
Ташовски го заврши натпреварот со 27 поени што е повеќе од двојно од неговиот просек оваа сезона, Гордон додаде 19, а Говенс 16 поени. Смит и Војдан Стојановски со 18 поени го предводеа МЗТ Скопје кој во своите редови ги немаше повредените Мекејден и Магдевски.


