Екипата на Феникс доживеа тежок удар во борбата за опстанок откако денеска претрпе сензационален пораз од „фенерџијата“ Ангели со 84-85.
Тешко е да се објасни што се случи во Кисела Вода попладнево со оглед на тоа што најслабиот тим во лигата се врати од -23 во последната четвртина и од -13 во финалните четири минути. Нејасно е дали Феникс го потцени својот ривал или едноставно дојде до толку голем пад во играта што екипата доживеа пораз кој најверојатно ќе ја однесе во понизок ранг.
Повеќе од три четвртини Феникс го газеше својот противник, во првата минута од последниот период ги достигна највисоките 23 разлика (78-55), а потоа почна големиот пресврт. И покрај се, не се очекуваше дека тој ќе биде целосен бидејќи на помалку од четири минути пред крајот беше 82-69 за гостинскиот тим. Во периодот до крајот, Ангели направија 16-2, а последната четвртина ја добија со вкупно со 30-8. Во финишот, тренерот Дервишевиќ во игра ги врати членовите на стартната петорка, но и тие не успеаја да го спречат налетот на Ангели кои до победата стигнаа со тројката на Бојан Стојановски на 18 секунди пред крајот.
Рубин Стефанов со 21 поен беше најефикасен кај Ангели, додека Рахама со 16 го предводеше тимот на Феникс.
Ова е втора победа на Ангели сезонава, а прва остварена на терен откако против МЗТ Скопје славеше службено, поради административна грешка на противничкиот тим.


