Иако е само со теоретски шанси за опстанок, екипата на Гостивар чесно игра до крајот на сезоната и денеска ја оствари третата победа во низа на домашен терен.
Вторпат во оваа кампања, гостиварци го совладаа 15-кратниот шампион на Македонија, Работнички, сега со 75-70 по продолжение. Тимот од Градски парк со тоа не го искористија подарокот од Ангели кои претходно го совладаа Феникс и му овозможија на Работнички да дојде на чекор од опстанок во елитата.
Работнички повторно одигра неверојатно лош натпревар на гостински терен и го доживеа осмиот пораз по ред надвор од својата сала. Тимот од Градски парк повеќе од четири месеци чека победа како гостин бидејќи последната ја оствари на 6 декември кај Ангели, а освен таа, има триумф само уште кај Кожув, во октомври.
Денеска можеше да се провлече иако губеше и со 11 разлика, но гостиварци не дозволија такво нешто. Во финишот од основниот дел водеше со 59-57 и имаше напад за зголемување на водството, а потоа и два напада за победа, но прво Робев промаши тројка, потоа ја загуби топката и пред истекот на времето Костоски не беше прецизен од дистанца. Во меѓувреме Црниќ погоди две слободни фрлања за израмнување и продолжение.
Во дополнителните пет минути двете екипи се менуваа во водство, , се до 40 секунди пред крајот кога Гостивар отиде на +4 (72-68). Рикиќ во следниот напад постигна кош и беше фаулиран, но промаши од линијата и Димитриевски со тројка стави точка на мечот.
Димитриевски и Црниќ со по 17 поени беа најефикасни кај Гостивар со тоа што вториот имаше и десет асистенции. Рикиќ го предводеше Работнички со 19 поени и 17 скока, Костоски постигна 18, а Ефремовски 16 поени.
Гостивар уште има теоретски шанси за опстанок, но треба да му се поклопат многу резултати, додека на Работнички му се потребни две победи до крајот за сигурен спас, а игра против Чаир, МКК Куманово и Ангели.


