Дебитантот во Суперлигата, Маџари е уште чекор поблиску до пласман во полуфиналето од плејофот откако денеска славеше на гостински терен против Тиквеш со 100-97.
Тоа е втора победа на Маџари во Кавадарци оваа сезона и со неа го искористи поразот на Кожув од Пелистер за да се бетонира на четвртото место во пресрет на последните три кола. Клучен ќе биде следниот натпревар, против Кожув на домашен терен и ако дебитантот победи на тој меч, сигурно ќе се пласира во полуфиналето.
Победникот вечерва беше одлучен благодарение на подобрата игра на Маџари во последната четвртина иако претходно Тиквеш имаше и +12. По водството на домаќините од 93-85, Маџари направи серија од 13-0 за преземање на водството и предност од пет разлика на нешто повеќе од минута пред крајот. Бошалески намали на -3, но Петкоски потоа со две слободни фрлања стави точка на мечот.
Цела стартна петорка на Маџари постигна двоцифрен број поени, најефикасен беше Грин со 27 поени, а Левис и Армстронг по 21. Минси го предводеше Тиквеш со 22 поена, додека Бошалески реализира 21 со четири тројки, плус осум скока.


