На три кола пред крајот на сезоната, екипата на МКК Куманово математички обезбеди опстанок во Суперлигата откако вечерва славеше на гостувањето кај Чаир со 91-83.
Кумановци ниеднаш не беа во негатива, водеа и со 19 поени разлика и апсолутно заслужено стигнаа до посакуваниот триумф. И Чаир денеска го обезбеди опстанок и покрај поразот бидејќи Феникс загуби на гости кај Ангели, па предноста на чаирчани е недостижна.
Убедливо најдобар играч денеска беше репрезентативецот Стојан Ѓуроски кој постигна седум тројки од десет шута и натпреварот го заврши со 27 поени. Генерално, гостите одлично шутираа од дистанца, реалзираа дури 16 тројки од 33 шута, а потфрлија од линијата за слободно фрлања од каде имаа 11/21.
Најефикасен кај Чаир беше Билингсли со 26 поени, но и 11 скока, а и Тачи оствари дабл дабл со 14 поени и 13 скока.


