Покрај Андреј Шошкиќ кој пред неколку дена го смени универзитетот и се пресели на Јужна Флорида, од идната сезона уште еден македонски кошаркар ќе настапува во НЦАА.
Станува збор за младинскиот репрезентативец и еден од најталентираните кошаркари во земјава Никола Јаничиќ. МВП од Европското јуниорско првенство Б-дивизија пред две години, потпиша со Универзитетот Тенеси Мартин што ќе биде негова прва станица на сениорско ниво.
До оваа сезона, Јаничиќ настапуваше на средношколско ниво во САД, а од идната ќе почне да се развива во дуели со кошаркари кои се далеку повозрасни од него. Летово ќе наполни 19 години и со неговиот талент и квалитет конечно ќе се запознае пошироката американска кошаркарска јавност.

Универзитетот Тенеси Мартин гради потполно нова екипа бидејќи во преодниот рок, заминување оттаму најавиле дури 15 кошаркари што е најмногу од сите во НЦАА. Заедно со двајцата кои веќе дипломираа, тоа се 17 слободни места, а во однос на минатата сезона, остануваат само дебитантите од оваа сезона Енрике Моја и Владимир Хрјапа, син на поранешниот руски репрезентативец Виктор Хрјапа.
Екипата на УТ Мартин Скајхоукс се натпреварува во Охајо Вејли Конференцијата каде оваа сезона го освои второто место, зад Тенеси Стејт.


