Со натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Тиквеш, вечерва од 18 часот почнува третото коло од плејофот кое ќе се издолжи до петок.
Актуелниот шампион ќе се обиде да го заборави поразот од ТФТ и да ја продолжи потерата по него. Иако има две победи помалку од сегашниот лидер, борбата за првото место уште не е завршена бидејќи ТФТ го очекува пеколен распоред во следниот период, во домашното првенство и АБА 2 лигата. МЗТ до крајот игра против Тиквеш и Пелистер на домашен терен и Маџари на гости и тоа е добра можност за максимален ефект со што ќе го продолжи притисокот врз лидерот. МЗТ оваа сезона два пати го победи Тиквеш, но двата меча завршија со три разлика.
ТФТ не доби ново одложување на своите натпревари во првенството, па во следниот период ќе игра на секои 2-3 дена. Утре игра против Широки во првиот меч од финалната серија во АБА 2, в петок гостува кај Пелистер, в понеделник се среќава со Маџари, а идната среда повторно со Широки, во Скопје. За разлика од МЗТ, има две гостувања надвор од главниот град и јасно е дека ќе биде интересно до самиот крај.
Третиот меч од третото коло на плејофот исто така е од огромно значење. Маџари утре од 17 часот го пречекува Кожув во директниот дуел за четвртото место и пласман во полуфиналето.
Во плејаутот има уште една непозната – кој ќе се спаси од испаѓање, покрај МКК Куманово и Чаир. Работнички утре од 19 часот ги пречекува чаирчани и со евентуална победа ќе биде многу блиску до опстанок. Домашниот терен е адут на центарци оваа сезона и така би требало да биде утре, особено поради тоа што противникот доаѓа без особени амбиции во Градски парк.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
ПЛЕЈОФ – 3. КОЛО
21.04.2026 МЗТ Скопје – Тиквеш 18:00
22.04.2026 Маџари – Кожув 17:00
24.04.2026 Пелистер – ТФТ
ПЛЕЈАУТ – 3. КОЛО
22.04.2026 МКК Куманово – Ангели 18:00
22.04.2026 Работнички – Чаир 19:00
22.04.2026 Феникс – Гостивар 20:30


