Поранешниот шампион на Македонија е многу блиску до опстанок во Суперлигата откако вечерва на домашен терен го победи Чаир со 94-83.
Чаирчани дојдоа растоварени во Градски парк бидејќи во минатото коло ја завршија работата околу опстанокот, но сепак одиграа максимално одговорно и малку недостасуваше да го изненадат домаќинот. Победникот решен во последните минути откако претходно Чаир се врати по висока негатива и најави неизвесен финиш.
Воведната четвртина помина во израмнета игра, а Работнички го зададе првиот удар на стартот од вториот период кога со серија од 9-0 отиде на 31-22. На три минути пред крајот на полувреме беше 43-31, а на голем одмор се замина со +13 за домашниот тим (53-40). Се чинеше дека работата е завршена на средина од третата четвртина кога Работнички отиде на 62-47, но Чаир неочекувано се врати во игра на почетокот од последниот квартал, благодарение на серијата од 10-0 (68-72).
Сепак, Работнички навреме се ресетира, Ефремовски ја презеде одговорноста, доби помош од Рикиќ, Грушановиќ и Костоски и на помалку од четири минути пред крајот ги реши сите дилеми откако поведе со 88-74.
Ефремовски одигра уште еден извонреден натпревар и го предводеше Работнички со 28 поени, а двоцифрен ефект имаа и останатите стартери, плус Лука Петровски. На спротивната страна Тачи беше најефикасен со 22 поена, но се истакна Билингсли со 17 поени и 12 скока.
Работнички може да го обезбеди опстанокот уште вечерва, ако Феникс не го победи Гостивар, а во спротивно ќе му треба уште еден триумф во последните две кола во кои гостува на МКК Куманово и ги пречекува Ангели.


