Резултатот на двете полуфинални серии од женската Прва кошаркарска лига на Македонија е израмнет откако Крива Паланка и Бадел денеска славеа во вторите натпревари.
Крива Паланка во Кале го совлада Вардар со 76-69 и во текот на викендот на домашен терен ќе одлучува за патникот во финалето. Кошаркарките предводени од Виктор Петровски имаа и 17 поени предност во текот на мечот, но малку недостасуваше повторно да направат „од готово-вересија“ бидејќи на три минути пред крајот Вардар се доближи на само два негатива (66-68). На сцена потоа стапи Грин која постигна пет поени по ред и ѝ ја осигура победата на Крива Паланка.
Бадел го демолираше шампионот Баскет Кам, совладувајќи го на домашен терен со 69-51. Тука победникот беше решен уште на стартот од последниот период кога скопскиот тим поведе со 60-43 што се покажа доволно за триумф.
„Мајсторките“ ќе се играат во Крива Паланка, односно Македонска Каменица и во текот на викендот ќе се знае кои екипи ќе се борат за трофејот.


