Македонскиот вицешампион ТФТ го загуби првиот финален натпревар во АБА 2 лигата, на гостувањето кај Широки.
Иако нашиот тим одигра одлично прво полувреме во кое имаше и 11 поени предност, падна во вториот дел и не успеа да го издржи темпото. На крајот загуби со 19 разлика што е преубедливо во однос на она што се случуваше на теренот. Тоа го потенцира и тренерот Боро Смилковски во својата изјава по натпреварот.
„Честитки за заслужената победа за Широки. Во првото полувреме игравме добра кошарка, но во второто полувреме малку паднавме и го изгубивме фокусот. Не бевме сконцентрирани, особено на чувањето на Трајс, а публиката, која беше одлична, се разбуди. Можеби резултатот на крајот не е реален, но тоа не ја намалува победата на домашниот тим. Имаме уште еден натпревар во Скопје и ќе направиме сè за да ја однесеме победата“, рече Смилковски.
Вториот меч од серијата се игра на 29 април во Скопје. Ако ТФТ успее да победи, ќе оди на „мајсторка“ во Широки Бријег на 6 мај.


